Search
fr-FRmk-MKsq-AL

Активности

2 јун 2014

Документарна репортажа „Војникот Рајан од Битола“

Документарна репортажа „Војникот Рајан од Битола“

Спилберг пред неколку години одново ја откри пред големата публика приказната за војникот Рајан и ги доближи случувањата од Денот-Д на плажите во Нормандија преку блокбастерот „Спасувајќи го војникот Рајан.

Поттикнати од локална битолска приказна и преку истражувања се откри дека и Битола го има својот Рајан. Со цел да се сподели со јавноста оваа невообичаена приказна се направи документарна репортажа за Панде Матевски – „Војникот Рајан од Битола“. Репортажата „Војникот Рајан од Битола“ премиерно се прикажа на 30ти мај во Центарот за култура во Битола. Гледачите имаа можност да се запознаат со невообичаената приказна на битолскиот војник Панде Матевски.

Приказната започнува во 1914 година во Битола, каде се раѓа Панде, како прв син на кондураџијата Коста и неговата сопруга Фотина. Панде Матевски заедно со неговиот брат Петар како и многу други Македонци во тој период заминува во Америка по печалба. Меѓутоа, Втората светска војна доаѓа и на прагот на Америка и двајцата браќа се пријавуваат во американската армија. Во американските архиви се пронајдени податоци само за Панде Матевски. Тој е заведен како Панта Матевиќ, регрутиран во американската армија на 13.05.1941 година во Чикаго со ранг – водник прва класа. Понатаму приказната станува поиспреплетена, Панде и Петар Матевски се дел од американската единица која е испратена во Нормандија токму во битката на Денот-Д, 6ти јуни 1944 година. Тие се дел од нападот кој е организиран преку вода. Илјадници војници се истоваруваат на плажите во Нормандија а, меѓу нив и Панде и Перо Матевски. Морето е немирно а војниците носат тешки муниции. Тие кои не се добри пливачи се дават пред да видат битка. Офанзивата на Германците е моментална. Главната цел на војниците е да ја преминат плажата и да најдат засолниште од постојаните куршуми. Панде и Петар се одлучуваат да го направат големиот премин од вода на копно. За време на битката Петар Матевски е ранет во раката а Панде загинува.

До ден денес, Панде Матевски почива во своето родно место а досега неговата приказна се споделуваше исклучиво меѓу локалното население. Преку оваа репортажа гледачите ја осознаа оваа македонска животна приказна вткаена во мозаикот на светската историја. 

Оваа документарна репортажа е направена по повод 70те години од Истоварувањето на сојузничките сили во Нормандија по иницијативата на ТВ Орбис и во рамки на децентрализираната соработка помеѓу Долна Нормандија и Македонија. Овој настан е организиран во чест на битолскиот војник Панде Матевски кој херојски го дал својот живот за слободата и со цел да се запознае македонската јавност со оваа приказна која е дел од една колективна историја што ја споделуваат сите народи кои се бореле против фашизмот во Втората светска војна.

За да дознааете повеќе информации за војникот Панде Матевски, посетете ја официјалната блог страница тука или погледнете ја репортажата.
Tags:

Name:
Email:
Subject:
Message:
x