Search
fr-FRmk-MKsq-AL

Активности

12 септ. 2016

Волонтирање преку Европскиот волонтерски сервис во Македонија. „Клучна година“ од животот на Јоан Шумахер

Волонтирање преку Европскиот волонтерски сервис во Македонија. „Клучна година“ од животот на Јоан Шумахер

Categories: Млади  / 

На 13 август 2015 година, Јоан Шумахер се упати кон Македонија да го започне своето едногодишно волонтирање во рамките на Европскиот волонтерски сервис. По неговото враќање, ова дваесетгодишно момче од Ла Ферте-Масе одлучи да го сподели неговото искуство.

„Кога заминав пред една година, имав на ум две идеи за мојата професионална кариера: да бидам дел од образовниот систем или да работам како графички и аудиовизуелен дизајнер. Мојата желба беше да ги поврзам двете сфери во рамките на мојот престој во Македонија“, ни се довери Јоан, роден во Оне-сир-Одон, но израснат во Ла Ферте.

По средното училиште за применета уметност и двогодишните студии по дизајн и комуникација, ова младо момче од Ла Ферте се одлучи да одговори на повикот на Младинскиот културен центар на градот Флер кој  се однесуваше на волонтирање во Македонија. Неговата апликација беше прифатена, и тој имаше малку време да се подготви за неговото заминување на пат од 2.600 километри од неговиот дом, во Прилеп, град со 70.000 жители во Централна Македонија.

Осамостојување
„Јас не ја познавав земјата и не истражував навистина за неа, заминав без подготовка и открив се’ на самото место“. Јоан беше волонтер во организацијата СЕГА, која ја има истата структура како Младинскиoт културен центар во Франција. Тој беше сместен со двајца млади волонтери при Европскиот волонтерски сервис: две девојки од Франција и Романија. „Тоа беше прв пат да заминам сам толку далеку од дома, но сепак имав желба да патувам. Бидејќи имав 24 дена одмор предвиден со мојот договор, имав можност да се вратам неколку пати во Ла Ферте. Исто така морав да научам да го организирам моето секојдневие, буџетот, животот во заедница“.

За време на престојот и средбите, Јоан  ја откриваше земјата. „Научив да зборувам македонски, кој е словенски јазик, но го користев многу англискиот. Градот во којшто престојував беше динамичен, со многу млади луѓе, многу свирки во баровите. Се работи за многу пријателски народ, никогаш не се почувствував како странец. Открив дека економијата на земјата е многу кревка и со висока стапка на невработеност, која достигнува до 50%-60% кај младите на моја возраст. Таму се живее со 250 до 300 евра месечно.” Се работи за ситуација која го принудила да ги разгледа фактите од друга перспектива, „Во споредба со Франција, сфатив дека нашата земја се’ уште има задоволувачки стандард на живот, со можности за иднината“. Викендите беа посветени на туристички прошетки со другите волонтери. „Имав и можност да свирам гитара на улица за да соберам малку пари“.

Самооценување
За време на договорот од 12 месеци, неколку задачи му беа доверени на Јоан: промоција на волонтирање кај младите, графичка подготовка на документи за настани (брошури, флаери), фотографирање на настаните, поддршка на професорите по француски јазик за ученици од 10 до 18 години. „Со професорите организиравме концерт посветен на Едит Пјаф, исто така подготвивме хумористична театарска претстава која беше одиграна на националниот натпревар по франкофонски театар. Како победник на натпреварот, претставата потоа ја одигравме во Бугарија во присуство на учесници од целиот Балкан“. Јоан исто така организираше еколошка прошетка за чистење на една планина и средби во едно кафуле.

За Јоан, ова искуство беше можност за самооценување. „Согледав каде се чувствувам најудобно, кои се моите силни страни, моите слабости. Можев да ги тестирам моите способности пред учениците и сфатив дека сферата на образованието не е навистина за мене, посебно во однос на авторитетот“.

„Научив многу“
По неговото враќање на 9 август, Јоан позитивно го оценува искуството во секој поглед. „Овој вид на престој ги отвора сите можности. Научив многу за малку време. Многу напредував. Сигурно ќе се вратам во Македонија. Во моментов сум во контакт со млади од Португалија, Италија, Романија, Соединетите Американски Држави“.

На 6 септември, Јоан ќе ги продолжи своите студии на Институтот по технологија во Авр  по оваа „клучна година од мојот живот, која ме спречи да направам грешка во изборот на мојата професионална кариера“.


Tags:

Name:
Email:
Subject:
Message:
x