Search
fr-FRmk-MKsq-AL

Активности

6 ноем. 2015

Повеќе од 50 учесници на овогодинешната средба на партнери

Повеќе од 50 учесници на овогодинешната средба на партнери

Categories: Координација  / 

На 3 и 4 ноември на овогодинешната Средба на партнери на Соработката Долна Нормандија / Македонија, имаа можност да се сретнат повеќе од 50 учесници од Франција и Македонија.

Средбата ја отворија институционалните партнери на соработката, Н.Е. амбасадорката на Р. Франција во Македонија, Лоренс Оер, заменик министерот за локална самоуправа на Македонија, Љупчо Пренџов, директорката на меѓународна соработка и мобилност при Регионалниот Совет на Долна Нормандија, Сабин Гише-Лебаји и генералниот секретар на АЛДА, Антонела Валморбида.

По претставувањето на политичката состојба на двете територии, институционалните партнери ја истакнаа важната улога која соработката ја има и во Франција, и во Македонија, во контекст на партнерство меѓу овие две земји. На состанокот беше претставено и соединувањето на регионите Долна и Горна Нормандија, предвидено за почетокот на следната година, што несомнено ќе отвори нови перспективи за развој на соработката и ќе влијае на нејзино менување и отворање кон нови партнерства.

За време на состаноците и работните групи, партнерите имаа можност да направат преглед на активностите од 2014 и 2015 година и да ги претстават активностите предвидени за наредниот период. Голем дел од дискусиите беа предвидени за перспективите на соработката во иднина, за отворање на нови теми и внесување на новитети во соработката во следната програмска година.

Партнерите од повикот на проекти, градовите во соработката, чинителите од програмата за Прва светска војна, млади и култура зборуваа за своите проекти и активности. Секој од партнерите имаше можност да ги претстави своите искуства и идеи за развој на соработката, за вмрежување помеѓу партнерите, но и за создавање на нови партнерства, сè со заедничка цел: развивање и споделување на добрите практики кон зајакнување на врските и подобрување на работата на чинителите од двете територии.

Двата работни дена завршија со адаптирани работни групи според темите на работа на партнерите: култура, млади, човекови права и европски фондови. За време на овие одделни состаноци, речиси сите партнери изразија желба за подетално запознавање со активностите на секој партнер одделно, во и надвор од соработката, со цел да се создаде вистинска синергија помеѓу нив. Оттаму се донесоа заклучоци за поинтезивна внатрешна комуникација и запознавање со новите партнерства кои од година в година ги има сè повеќе. Истовремено, заедничката комуникација кон јавноста ќе се насочи на повеќе целни групи кои се воедно и учесници во соработката: младите, локалната самоуправа, невладиниот сектор, но и јавните институции. Еден од најголемите предизвици за следната програмска година е да се зајакне трансверзалноста на темите и проектите, која воедно е и најголема предност во соработката. Преку неа соработката може да стане вистинска платформа отворена за сите институции, организации и општини, но и за сите граѓани од двете територии, на кои оваа соработка им е наменета.

Оваа средба беше многу важна и за новите партнери на соработката, од аспект на подобро запознавање на структурата на програмата и нивно полесно интегрирање во неа. Мотивацијата на учесниците и нивните познавања за проектите, покажаа потреба за поинтензивни средби, за запознавање со различните концепти на работа и обуки од областа на меѓународна соработка и продлабочување на знаењата за европските фондови.

Во знакот на одбележување на 10 години од соработката, оваа средба на партнери уште еднаш ја покажа нивната желба и мотивација за подобра, поуспешна и поразновидна соработка. Во тој контекст, останува да се зајакне соработката поврзувајќи се со чинители од сите области и да се истражат нови перспективи и теми на работа, меѓу нив и економијата, како клучна тема и за двете територии.

Tags:

Name:
Email:
Subject:
Message:
x