70 годишнина од Истоварувањето на сојузничките сили во Нормандија
6 јуни 1944 година претставува историски пресврт за Франција но, и за сите нации погодени од Втората светска војна. Овој легендарен ден го бележи почетокот на продирањето на сојузничките сили против Нацистите. Нормандија, територијата каде што се одвиваше решавачката битка за слобода засекогаш ќе ги носи трагите на оваа историја. 70 години овој регион се сеќава и им оддава почит на војниците кои се бореа и тие кои го изгубија својот живот во таа легендарна битка.
За 70-годишнината од Истоварувањето регионот Долна Нормандија започна постапка за признавање на плажите на Истоварувањето како светско културно наследство од страна на УНЕСКО. Целта е да се препознаат вредностите кои ги носи тоа место : слобода, демократија, мир, помирување.
Канцеларијата за децентрализирана соработка помеѓу Долна Нормандија и Македонија ја препознава важноста на оваа иницијативата и поддржува да се обележат плажите на Истоварувањето како место со Универзално светско културно наследство.
Документарна репортажа „Војникот Рајан од Битола“
Македонија исто така имала свој претставник во битката во Нормандија, војникот Панде Матевски од Битола. Тој бил мобилизиран во американската армија во единицата која била испратена во Нормандија на 6 јуни 1944 година. Канцеларијата за децентрализирана соработка помеѓу Долна Нормандија и Македонија ја покрена иницијативата да се направи документарна репортажа со цел да се дознае оваа невообичаена приказна и да му се оддаде почит на паднатиот борец. Репортажата за животот на Панде Матевски „Војникот Рајан од Битола“ беше реализирана од телевизија Орбис и неколку локални ентузијасти од Битола со поддршката на програмата на соработката. Преку оваа репортажа Панде Матевски излезе од анонимноста и влезе во историјата како еден од хероите кои го дале својот живот за слобода.
Историски осврт – Истоварувањето на сојузиничките сили во Долна Нормандија
Големата битка во Нормандија започнува на 6 јуни 1944 година. На тој ден на плажите на Нормандија се истоваруваат : 1 213 воени бродови, 736 помошни бродови, 864 товарни возила и 4 126 транспортни возила со 20 000 возила и 156 000 војници од американската, британската и канаѓанската армија.
Денес, битката во Нормандија се смета за одлучниот пресврт кој ја насочил војната во прилог на сојузничките сили и довел до капитулацијата на Третиот Рајх на 8 мај 1945 година.