На 2 октомври 2015 г. во Куманово се одржа завршната конференција во рамките на проектот „Ароматични и лековити растенија: вредност на природно наследство“. Конференцијата беше отворена од страна на амбасадорката на Франција во Македонија г-ѓа Лоренс Оер. Настанот имаше за цел да ги пренесе искуствата од активностите спроведени од француската организација Savoir-Faire & Co и нејзините македонски партнери Рурална коалиција и Slow Food Vodno, во соработка со Општина Ранковце.
Во текот на една недела, берачи на билки од Долна Нормандија престојуваа во Македонија и се сретнаа со берачи на планински растенија од Oпштина Ранковце. За време на нивниот престој во Македонија, тие имаа можност да откријат нови ароматични и медицински растенија и да се запознаат со начинот на нивната берба и преработка. Резултатите од нивната соработка беа претставени на конференцијата.
Употребата на ароматични и медицински билки е природно богатство и економски ресурс како за Македонија така и за Долна Нормандија. Проектот има за цел да ја истакне вредноста на ова природно богатство и да ги подобри вештините на берачите. Конференцијата беше затворена со работилница за производство на крема и сируп на база на природни билки.
Оваа соработка продолжува и во 2016 година, кога е планирана посета на македонски берачи во Долна Нормандија со цел да се запознаат со техниките на производство и преработка на билки во Долна Нормандија.
Проектот „Ароматични и лековити растенија: вредност на природно наследство“ е спроведуван од Savoir-Faire & Co и финансиски поддржан од програмата за соработка помеѓу Долна Нормандија и Македонија во рамките на повикот на проекти за 2015 – 2016 година.