Денес, на 16 мај 2014 година, се одржа јавна дискусија на тема Човекови права, во старата чаршија во Скопје. Оваа дискусија отвори многу важни прашања поврзани со кривичните дела од омраза кај младите од Македонија и од Франција. Во организација на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и Институтот за човекови права и мир од Каен, оваа динамична дискусија воедно беше и вовед во следната активност на нивната соработка – Летната школа за Човекови права на младите, која ќе се одржи во август 2014 година, во Македонија.
Пред присутните медиуми и јавноста, експертите дискутираа за кривичните дела од омраза кај младите, базирани врз религиозна или етничка основа, без оглед на тоа дали повикуваат на омраза на говор или пак на насилство. Преку оваа дебата, освен што јасно беше претставен овој проблем и во Македонија, и во Франција, воедно беше поттик да се изнајдат можни решенија, со цел да се избегнат овие дејствија кај младите луѓе. Г-ѓата Карен Роше, прва советничка на Амбасадата на Република Франција во Македонија, ја отвори оваа дебата потсетувајќи на важноста од ваков тип на средби помеѓу млади луѓе од двете земји, каде тие би имале можност заедно да разговараат и да дадат свои идеи, со цел да се спречи говорот и делата од омраза. Во тој контекст, г-ѓа Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, ја претстави ситуацијата во Македонија во однос на оваа тема. Така, овие дела кај младите во Македонија, се на повеќе нивоа, почнувајќи од медиумите, образованието и училиштето, сè до правниот систем: „споредбата со Франција, меѓу другото, ќе помогне подобро да ја организираме летната школа за човекови права ова лето“, истакна таа.
За француската перспектива на оваа тема, беше задолжена г-ѓа Сара Барние Лирој, проектен менаџер на Меѓународниот Институт за човекови права и мир во Каен. Таа зборуваше за бројни разлики, а една од нив е различната терминологија која се користи во Франција за овој вид на кривични дела. „Во Франција не постои поимот кривично дело од омраза, но, преку расизмот, ксенофобијата и антисемитизмот, за жал сепак доаѓаме до истите извршени дела“, изјави г-ѓа Барние Лирој.
Експертите исто така имаа можност да дискутираат и за разликите во однос на правната рамка во кои се одвиваат овие прекршоци, особено за дефиницијата на кривични дела од омраза, нивниот развој и што тие претставуваат кај младите. И покрај тоа што Франција и Македонија од законска гледна точка различно ги третираат овие постапки, сепак тие разлики се во деталите, во водењето на процесот и пресудите. Она што всушност е заедничка цел и на двете територии е превенцијата. Оваа јавна дискусија „кривични дела сторени од омраза на религиозна или етничка основа кај младите во Република Македонија и Република Франција: сличности и разлики“, отвори многу нови прашања, но понуди и можни решенија, како што е подобрување на едукацијата кон толераниција и вредноста која ја има животот без омраза. Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и Институтот за човекови права и мир од Каен продолжуваат да соработуваат на оваа чувствителна тема. Следната активност е „Школата за човекови права“, која ќе се одржи ова лето и ќе обучи голем број на млади луѓе за да можат да го дадат својот придонес за борба против насилството и омразата. Како и денешната, така и идната активност се дел од децентрализираната соработка помеѓу Македонија и Долна Нормандија.
Галерија фотографии од настанот