Од 11 до 17 мај 2015 г. учениците од средните училишта „Кочо Рацин“, „Коле Недлковски“, „Јовче Тесличков“ и „Димитрија Чуповски“ од Велес беа во посета на Долна Нормандија. Оваа посета е плод на соработката која започна во 2014 година помеѓу средните училишта од Велес со училиштето „Алексис де Токвил“ од градот Шербур.
Учениците од Велес ги посетија градовите Шербур, Каен и нивните многубројни знаменитости. На 13 мај 2015 г. гостите од Велес беа пречекани во Регионалниот совет на Долна Нормандија од страна на потпретседателката на Регионот Долна Нормандија, г-ѓа Ани Ан, заменик градоначалникот на Шербур, Ана Пик. За време на посетата учениците и професорите ја посетија просторијата каде се состануваат регионалните советници и каде се одлучуваат регионални политики. Професорите Флоранс Жиро и Никола Димовски им ја претставија на учениците од Велес и Шербур идејата за меѓусебна соработка на темата културно наследство на локално ниво.
Оваа соработка се одвива во рамки на повикот на проекти 2015/2016 на соработката Долна Нормандија/Македонија како и соработката помеѓу градовите Велес и Шербур која трае од 2012 година.