Заменикот министер за локална самоуправа, Љупчо Пренџов, учествуваше на Конференцијата Е–Општество, Слобода и приватност на интернет, организирана од невладината организација Метаморфозис, во рамки на Програмата за децентрализирана соработка меѓу Република Македонија и Нормандија.
Заменикот министер, Пренџов истакна дека потписник на Програмата од македонска страна е Министерството за локална самоуправа и во партнерство со Долна Нормандија, една деценија, граѓански организации, општини, установи и други субјекти од Република Македонија реализираат проекти финансирани во рамките на оваа Програма.
-Министерството за локална самоуправа е задоволно од досегашната соработка, во рамките на која досега се реализирани над 20 проекти во повеќе области, а најмногу во областа на културата, човековите права, младите, како и развој на нови технологии. Во имплементацијата на проектите, како и во градењето на капацитетите за децентрализирано управување, регионален развој, заштита на културно наследство и слично, биле вклучени над 150 различни структури – институции, општини, невладини организации, и голем број на граѓани, рече заменикот министер, Пренџов.
Една од невладините организации која што уште од почетокот ја препозна можноста за реализација на своите проекти преку финансиска поддршка од Долна Нормандија, е Метаморфозис. Станува збор, рече Пренџов, за проекти кои се иновативни, актуелни и со универзална вредност, територијално неограничени. Темата на оваа меѓународна Конференција го потврдува тоа.
Проектите во рамките на оваа Програма се реализираат во партнерство со организации од Долна Нормандија, во случајов со Меѓународниот институт за човекови права и мир од Каен. Ова е додадената вредност на проектот, можност за размена на искуства и создавање на партнерства кои што ќе траат и ќе ги продлабочуваат односите меѓу Република Македонија и Франција и конкретно со Долна Нормандија.
Повеќе информации можете да прочитате на
интернет страницата на Министерството за локална самоуправа