Универзитетот за аудиовизуелни уметности Скопје (EСРА) го започнува интересниот проект насловен „Помирувањето и визијата за заедничката иднина на Балканот и Европа. Европа овде – Европа таму (1914-2014)“. Концептот на овој проект е евоцирање на амбиентот во Европа 1914 година, низ аспектот на Европа 2014 преку работата на млади луѓе од сферата на фотографијата и филмот, литературата, ликовните уметности и музиката.
Оваа недела, од 17 до 23 јуни во Македонија ќе престојуваат четири фотографи и кинематографи од Долна Нормандија за да работат на тема помирување и Прва светска војна, што всушност е прва фаза од проектот. За време на престојот во Македонија се организирани теренски посети во Битола, Охрид и Дојран, посети на француските гробишта во Скопје и Битола како и предавање на тема „100 години од Првата светска војна, поглед кон минатото – поглед кон иднината“ од страна на професорот Роберт Јанкулоски.
На 19ти јуни во склоп на Францускиот филмски фестивал ќе бидат прикажани три краткометражни филмови на гостите од Долна Нормандија: „Араст“ на Жералд Леру, „Лин е забележана“ на Фредерик Летерје и „Леукемијата на Мика“ реализирани од Домот на визуелните дејности на Долна Нормандија.
Втората етапа од проектот ќе се реализира во Долна Нормандија во ноември оваа година. Таму ќе патуваат македонски фотографи и кинематографи за да работат на теми поврзани со мирот и сеќавањето, преку аудиовизуелни уметности.
Проектот „Помирувањето и визијата за заедничката иднина на Балканот и Европа. Европа овде – Европа таму (1914-2014)“ е резултат на соработката помеѓу ЕСРА и Домот на визуелни дејности на Каен. Тој се реализира во рамки на децентрализираната соработка помеѓу Долна Нормандија и Македонија.