8 млади од Македонија ги започнаа нивните студии во Каен оваа година. Студентите се запишаа во прва година на Универзитетот во Каен, Нормандија на различни студиски програми: економија, медицина, информатика, хемија и инженерство. Пред почетокот на учебната година, тие проследија курс по француски јазик за да го подобрат своето познавање на јазикот, што ќе им овозможи полесно следење на програмата.
Ова се првите студенти од Македонија во Каен, што е резултат на цврстото партнерство помеѓу Францускиот институт во Скопје, Секторот за меѓународна соработка при Универзитетот во Каен, Нормандија и Соработката помеѓу Нормандија и Македонија.
Од 2014 година, претставниците на Секторот за меѓународна соработка при Универзитетот во Каен, Нормандија два пати ја посетија Македонија со цел да остварат соработка со македонските универзитети и со младите потенцијални студенти. Францускиот институт во Скопје организираше повеќе настани на кои младите имаа можност да се запознаат со програмата на Универзитетот во Каен преку искуствата на претходните студенти.