Интервју - Бруно Велјановски е победник на второто издание на натпреварот „Мини- видео“, организиран од Францускиот институт по повод Францускиот филмски фестивал „FFF.mk “.
Неговото прво видео направено со смартфон ја доби првата награда на натпреварот, што му овозможи да учествува на фестивалот „Off-Courts“ во Трувил-сур-Мер во септември 2016 година.
За време на фестивалот, тој имаше можност да се запознае со делата на француски и меѓународни автори. Во рамките на работилниците на фестивалот, тој работеше со останатите режисери, го имаше своето прво актерско искуство и подготви свое мини-видео.
Бруно Велјановски ги сподели своите впечатоци и искуства:
„Моето искуство во Трувил можам да го опишам само како навистина фантастично! Бев пречекан на аеродромот од Максим, со кого наскоро станавме добри пријатели. Исто така запознав двајца колеги од Шпанија и потоа заминавме за Трувил. За време на патувањето, поминавме покрај повеќе прекрасни села, чијшто рурален шарм блескаше под летното сонце. Бев во Франција само неколку часа, а веќе се заљубив во оваа земја. Наскоро пристигнавме во Трувил, мал но убав град, каде присуствувавме на отворањето на Фестивалот во присуство на Градоначалникот со сите учесници на Off Courts. Дали го спомнав шампањот?
Организаторите навистина се грижеа за учесниците, за сместувањето и за храната... Сирење, сувомесното, црвеното вино и багетот беа дел од мојата лична исхрана за време на мојот престој и не можев да се заситам. Сè уште не можам да се заситам. Покрај генијалните концерти во вечерните часови, имавме можност да формираме меѓународни групи со колегите од цел свет за изработката на мини-видеата.
Замислете: во 4 часот наутро ние ја пренесувавме опремата која тежеше околу 12 килограми додека врнеше. На изгрејсонце, ја распакувавме опремата на плажата, мокри од дождот, но насмеани и задоволни од ова несекојдневно искуство. За време на снимањето на ова видео бев асистент на режисерот, во друго видео имав улога на актер и на крај подготвив моето сопствено видео. „Армакедон“ е краток филм, нем, но со бучна акција. Имав единствена можност мојот филм да биде претставен на денот на независноста на мојата земја, Република Македонија, да го покажам моето знаме и да го посветам филмот на мојата земја и моите сограѓани. Бев воодушевен кога за време на последната сеанса на работилницата именувана Кино ја гледав проекцијата на мојот филм која беше проследена до аплауз од публиката, што за млад режисер како мене беше многу задоволувачки и инспиративно.
На крај, стекнав многу нови пријатели од Франција, Канада, Шпанија, Перу, Аргентина и Хаити. Целото искуство, откривањето и патувањето во една нова земја со различна култура, но и учеството на фестивалот за филм беше прекрасно и ми ја разбуди желбата да пробам и сам да создадам Кино програма, како на Фестивалот во Трувил. Имам само неверојатни спомени од Фестивалот Off-Courts и се надевам дека пак ќе имам можност да учествувам. Додека го пишувам ова добив желба за палачинки! Довидување! Бруно Велјановски!“
Учеството на младиот режисер е плод на партнерството помеѓу Францускиот институт од Скопје, Фестивалот „Off-Courts“ и Регионот Нормандија. Претставници на Фестивалот беа дел од комисијата на натпреварот за Мини-видео за време на настанот во Скопје, додека Регионот Нормандија го понуди престојот на фестивалот во Трувил како прва награда. Исто така, Францускиот институт во Скопје му овозможи на Бруно да го усоврши неговиот француски јазик.