Од 29 до 31 март во Битола се одржа тридневниот форум „Европски перспективи за локалната самоуправа“, кој собра 80 учесници, претставници од општини, министерства, Центри за регионален развој и граѓански организации. Форумот беше официјално отворен од страна на Министерката за локална самоуправа, г-ѓа Ширет Елези.
„Република Македонија својата перспектива ја гледа во Европската Унија, па кон таа цел е добро да се ориентира локалната самоуправа преку спроведување на локалните политики. Локалните власти имаат значајна улога во овој процес“, изјави г-ѓата Елези.
Меѓу другото, на панел дискусиите кои се одржаа за време на форумот учествуваше и Неговата екселенција, г. Кристијан Тимоние, Амбасадор на Франција во Македонија, а свое излагање имаа и г-ѓа Ана Блажеска, Државен секретар во Секретаријатот за европски прашања, г-ѓа Билјана Цветановска - Гугоска, Државен секретар во Министерството за локална самоуправа, г-ѓа Мојца Криспер Фигероа, претставник на Делегацијата на ЕУ во Македонија и г-дин Лазар Котески, градоначалник на општина Новаци.
Партнерите на Соработката помеѓу Нормандија и Македонија исто така беа присутни, меѓу кои и преставниците од збратимените општини. Претставниците на општината Велес ги презентираа добрите практики на нивната соработка со градот Шербур, и претставниците на Центарот за одржлив развој од Дебар ги презентираа проектите спроведени во рамките на соработката помеѓу општината Дебар и Иф во Нормандија.
Покрај тоа, на дискусиите присуствуваа и градоначалници, државни службеници, претставници на меѓународни организации и експерти на тема децентрализација, европска интеграција и ЕУ фондови. Конечно, за време на настанот беа претставени и резултатите од истражување спроведено на темата и беа одржани практични обуки за развивање проекти и изработка на буџет за европски проекти.
Форумот бешее организиран во рамки на Програмата за децентрализирана соработка помеѓу Нормандија и Македонија во соработка со Министерството за локална самоуправа и Секретаријатот за европски прашања.