Меѓународната средба на партнерите на мрежата Франција - Балкан се одржа на 16 и 17 март 2018 година во Дижон, Франција. На овој настан присуствуваа повеќе од 100 претставници на локалните самоуправи од Франција и земјите од Западен Балкан, претставници на партнерските организаци и млади луѓе кои се дел од соработка помеѓу двете територии.
За време на средбата беа истакнати активностите за зајакнување на врските помеѓу двете територии и нејзината важност, потенцирајќи го примерот на соработката помеѓу Нормандија и Македонија. Соработката веќе 10 години ги поврзува двете територии, и може да се пофали со речиси 50 воспоставени партнерства, заеднички механизам за финансирање и голем број на обработени теми.
Градоначалниците на Коломбел, Марк Потие и на Општина Новаци, Љубе Кузманоски како координатори на соработката, беа дел од сесијата „Соработка, култура, солидарност: зајакнување на врските“. Двете општини активно соработуваат на темата Помирување и сеќавање на фронтот од Првата светска војна во Македонија, но и на темите: култура, размена на млади луѓе и многу други. Соработката помеѓу Нормандија и Македонија ги обединува француските и македонските локални власти преку здружување на нивните активности.
Препораките кои произлегоа од оваа средба се однесуваа на надворешниот придонес кон соработката, развој на заедницата, и мобилност и инклузија на младите.
Меѓународната средба беше организирана со поддршка на Министерството за Европа и надворешни работи на Франција, на барање на Француската асоцијација на Советот на европски општини и региони (AFCCRE) и на покана на градот Дижон во рамките на Програмата за соработка помеѓу Франција и Балканот предводена од Областа Виши-Оверњ и координирана од страна на Европската асоцијација за локална демократија -АЛДА.