Од 14 до 18 декември беше организирана студиска посета за 7 претставници од Министерството за локална самоуправа на Македонија во Долна Нормандија.
Целта на оваа мисија беше да се зајакнат капацитетите за територијален развој на Министерството за локална самоуправа. Преку оваа студиска посета претставниците на Министерството имаа можност да се запознаат со територијалната организација и децентрализација во Франција. Дел од програмата беше посветен и на јакнење на капацитетите на Министерството за локална самоуправа на тема регионален развој и европски фондови. Една од поважните теми дискутирани за време на посетата беа и тековната територијална реформа во Франција и спојувањето на регионите Долна и Горна Нормандија во еден регион.
Мисијата на претставниците на Министерството за локална самоуправа е дел од активностите предвидени во рамки на институционалната соработка помеѓу Регионот Долна Нормандија и Министерството за локална самоуправа. Соработката помеѓу Министерството и Регионот започна со потпишувањето на договорот за децентрализирана соработка во 2009 година. Соработката помеѓу Долна Нормандија и Македонија е во областа локално владеење и придонесува кон развојот на локалните политики на двете територии.
За време на посетата беше утврден План на активности за институционална поддршка на Министерството за 2015 година. Министерството и Регионот Долна Нормандија предвидуваат серија заеднички активности за пратење на реформите во Франција и воспоставување на политики за децентрализација во Македонија.