На 5 ноември, истовремено со светскиот форум за демократијата беше организирана и меѓународната конференција „Младите и интеркултуралноста : како влијаат на развојот на нашите територии?“. Оваа годишна конференција е дел од активностите на мрежата Франција-Балкан и е организирана од страна на Асоцијацијата на агенции за локална демократија (АЛДА) и Француската асоцијација на Советот на општини и региони на Европа (AFCCRE). За време на оваа конференција г-ѓа Ивана Димитровска, шеф на канцеларијата на соработката во Скопје ги претстави активностите на соработката кои се посветени на младите.
Младите имаат клучно место во соработката Долна Нормандија/Македонија уште од самиот почеток на оваа соработка. Реализирани се повеќе од 15 размени на млади, 15 млади реализираа стаж или волонтерство, 4 средни училишта од Долна Нормандија и Македонија се збратимени и спроведуваат заеднички проекти во областа на образованието секоја година. Повеќе од 60 млади годишно имаат корист од можностите кои ги пружа соработката Долна Нормандија/Македонија.
„Соработката за младите претставува повеќе од едноставни бројки! Искуствата кои ги добиваат младите од Долна Нормандија и Македонија преку програмата за мобилност се незаборавни. Мобилноста на младите им овозможува да откријат една нова територија, култура, да се образуваат и да им се отворат нови перспективи. Допирот со различни култури допринесува во нивниот личен и професионален развој. Покрај поголемото познавање со кое се здобиваат за нечија култура, допринесува и за самиот локален развој“ вели г-ѓа Димитровска. Децентрализираната соработка е одличен начин да им се даде таа можност на младите од Долна Нормандија и Македонија.
Темата на оваа конференција беше конципирана во согласност со темата на Светскиот форум за демократија „Дали младите можат да внесат нов елан во демократијата?“. Форумот го посетија повеќе од 1 500 млади од целиот свет. Конференцијата беше проследена со состанок на мрежата Франција-Балкан, на неа присуствуваа претставници на француските заедници кои соработуваат со Балканот. Следната активност е четвртото издание на проектот „По стапките на Албер Лондр“ која ќе се одвива ова лето. За време на оваа интересна иницијативе млади новинари ќе ја посетат Македонија со цел да работат на темата „Источниот фронт за време на Првата светска војна“.
Производ од третото издание на овој проект е филмот „По стапките на Албер Лондр“ кој беше прикажан за време на настанот во Стразбур. Во реализацијата на овој филм учествуваа 6 учесници од Македонија.